Вашето откриено дејствување (како група `ВЕЛ`) e од 2019 година. Бендовската биографија наведува детали оттогаш наваму. Поединечните приказни на засебните членови, пак, раскажуваат издвоени претходни дејстувања. Раскажете ни точно: како се начна `ВЕЛ` како идеја за групна творба? Кај кого (еден или повеќе) од членовите се придвижи созданието?
ВЕЛ не настана, ВЕЛ еволуира и гравитира. Од мисли множи мисла. Деталите не се пресудни за битието, големата слика е голема онолку колку што одлучува ВЕЛ.
Боите црвена и црна – избрани заради едноставноста на двојството, или можеби за истакнување на двигателските и запирачките енергии на љубовта и смртта? Можеби за анархистичкиот преплет на индивидуалните стремежи во склоп на заедничките можности?
Љубов и смрт, црна љубов, црвена смрт…каде е живот? Црвена и црна се наши од првиот македонски збор, знаеме како да ги оживееме преку збор и преку тон. Можеби е само светски тренд? Денес, големата мака е да се стигне до црно-бело, каде нема црвена љубов и црна смрт.
2022-ра ќе е четврта година како имате значителни поглавја во постоењето на бендот.
Со основањето 2019-та во декември ја пресретнавте зимата со настап на `Таксират`.
Во септември 2020-та со пред-есенскиот концерт во Битола загадочно го навестивте летното објавување на `Црнило` (јули 2021 год.). Овој разговор, пак, го правиме помеѓу издавањето на видео-записот за `Незалезна` (објавен на 13 февруари 2022) и концертната промоција закажана за 18 февруари 2022, во `Вакум` – Битола. Што подготвувате за оваа пролет? Дали веќе имате планови за настапи и нови развојни соработки?
Вие прашувате за пролетта, ние сме веќе во доцна есен. Нов материјал, нови видеа, нови бои. Растеме преку кршење на предрасуди, па на крај сме смели и да судиме. Ќе видете вие! Со работа до соработки.
На внимателно исчитување на посебностите на моменталните членови, секому може да му се одреди суптилна надмоќ и истакнатост во конкретна сфера: зборови (Томе Спасовски, бас-гитара и глас), слики (Златко Никодиновски, гитара и глас), звучен инженеринг (Сашо Ристевски, тапани), просветителство (Денис Алитовски), историска ерудиција (Александар Гулевски, гитара). Намерно или случајно се вклопи ваквиот колаж во бендовска целина? Земено предвид дека видео-записот е баш за песната од гитаристот Гулевски, кој ви се придружи во тек на снимањето на албумот, оставате впечаток за пријатна отвореност за соработка и проширување на мрежата луѓе кои може да придонесат кон вашата визија и мисија. Кои се вашите идни посакувани партнери, што би им довериле да вградат од нивна стручност во вашата приказна?
Нема надмоќ, има семоќ. Зборовите се цензурирани, сликите испревртени, звукот преработен, немаме учители и немаме ученици, нема понов или постар член, а и нема „нема“.
Звукот на првиот албум е цврст и продукциски баш стегнат. Јасноста на инструментите и вокалите не остава простор за нејасна бучава или шумолива недореченост. Дури и насловите на песните се отсечни – составени од по еден силен македонски збор. И текстовите се на македонски (со стилски исклучоци – воведниот и завршиот напев на `Незалезна`). Како планирате да ја раснете вашата појавност и претставителност?
Македонски во секој случај, не знам што би правеле на поинаку. А бучава, недореченост и јасност, тоа се прави од срце…
Каде и во какви отелотворувања ќе може слушачката и гледачка публика да ве очекува набрзо?
Каде нема да нè очекуваат.