ВЕЛ (VEIL) По повод концертната промоција на нивниот прв албум „Црнило“

Носени на крилјата на успехот од групите во кои членувале во минатото (Флуор, Небо, Контракултура, Against Them All, Dismay…), попатно, барајќи, бирајќи го вистинскиот начин на сопствено оригинално и препознатливо музичко изразување, членовите на групата ВЕЛ, се чини, го достигнаа зенитот на своето музичко творење.

Иако тоа го мислев и за нивниот претходен проект The Government, во кој членуваа тројца членови од постоечката формација, сепак, со овој проект дефинитивно се надминаа себеси. Нивниот успех добива уште повеќе на тежина и поради фактот што тоа го направија на потешкиот начин. Бирајќи помеѓу лесни и препознатливи певливи рефрени на The Government и тешки за паметење мелодии и текстови на ВЕЛ, сепак, тие се одлучија за оваа втората варијанта. Неспорен е фактот дека The Government е претходница на успехот на ВЕЛ, како што е неспорен фактот дека патот по кој се движи групата, претходно е трасиран од музичките величини како Падот на Византија, Мизар и Анастасија, притоа мудро и вешто дистанцирајќи се од секоја од нив. Можеби не случајно, нивен близок музички соработник е Горан Трајковски, член на сите погоре наведени групи.

Отсекогаш сум сакал, без разлика за која група станува збор, кога како основа на музичкиот израз, беспрекорно функционира односот помеѓу басот и тапанот. Во овој случај, очигледно е дека басистот Томе Спасовски и тапанарот Сашо Ристевски се во синхрона музичка кохезија. И тоа е ударната каписла на групата, т.е. локомотивата, која ја движи целата музика во однапред зададен правец. Од друга страна, ако се тие локомотивата, тогаш гитаристот Златко Никодиновски е машиновозачот, поточно, движечката сила во групата, како што самите кажуваат. Музичкиот облик го
заокружува клавијатуристот и пратечки вокал Денис Алитовски со своите префинети, суптилни, ненаметливи интервенции, како јаготка на шлагот на целата приказна.

Важно е да се напомене и тоа дека во прво време како надворешен соработник на албумот, а сега веќе и како постојан член на групата се појавува гитаристот Александар Гулевски (Процес, Suns, Fresh), ветеран на македонската музичка сцена, кој со своето знаење како дипломиран историчар на уметноста и магистер по византиска историја, дополнително го зголемува кредибилитетот на групата.

Покрај улогата на тапанар, Сашо Ристевски е задолжен и за продукција, микс, ремикс и мастеринг, додека гитаристот Златко Никодиновски е главниот виновник за визуелниот и концепциски изглед на групата, т.е. графички и мултимедијален дизајнер.

Сепак, најголемиот атрибут на групата се текстовите, сопственост на басистот Томе Спасовски. Слушајќи ја нивната музика, нема да останете рамнодушни, не забележувајќи ги истите. Истурени во преден план, изненадувачки смели, со јасна реално сурова порака, на моменти заплашувачки, тие се ѕвезда водилка и јадро на целата музика која кружи околу нив, создавајќи една фузија, пропратена со најразлични современи музички звуци, градејќи модерен и софистициран звук.

Анализирајќи ги нивните текстови, можеме да констатираме само едно: жално е што токму оваа група на млади луѓе, како неми сведоци на целото ова бреме, го презема товарот од нашите плеќи и го става врз сопствениот грб – изразувајќи го преку сопствената музика, притоа, преземајќи ја целата вина врз себе, за сè она што се случувало на ова мало парче земја на кое живееме, од век и веков.

Ако се прашувам, албумот „Црнило“ на групата ВЕЛ е најдобриот македонски рок албум за 2021 година. Најдобриот музичко-артистички концептуален албум (музика, текст, графика, видео) во поновата македонска рок историја, визуелно претставен само преку две бои: црвената и црната, како заштитен знак на групата – музичката обвивка на албумот и сите видео записи се во посочените две бои. Преку овие две бои, претставени се сите наши и нивни чувства и преточени во музика.

Нивната тајна е што под ВЕЛ-от на овие две бои има широка палета од бои, каде секој ќе ја препознае својата омилена. Моите омилени бои се наоѓаат во веќе извиканите: „АнгелиДемони“, „Војна“, „Нем“ и секако „Незалезна“, а најмногу во химничната „Паразит“. Тоа не значи дека останатите музички записи кои се составен дел од албумот, не можат да го заземат местото на омилени нумери: „Вини“, „Колк“, „Бот“, „Јама“ и „Не“. Сè на сè, едно фантастично рок издание, вредно за внимание.

Имајќи ја таа привилегија да преслушам дел од нивниот нов, сè уште неиздаден материјал, метафорички кажано, можам да констатирам дека, сепак, има светло на крајот од тунелот и дека има надеж за оваа земја. Музички гледано, групата се движи во исправна насока со светла иднина. Растеретени од притисокот на „прв албум“, ВЕЛ си играат со веќе познати музички форми, лесно пловејќи по нови, неоткриени музички пространства, во веќе познати шаблони и структури. Наизглед, музички гледано, сето тоа изгледа лесно, но текстуално и понатаму е мрачно и тмурно. Тоа се вика умешност, што не ја може секој и се разбира, не ја знае секој.

За крај, би си зел за право да ве повикам на нивната концертна промоција на албумот „Црнило“ во клубот Вакум во Битола, на 18.02.2022 година, во 23.00 часот. Бидете таму, зашто во иднина ќе се фалите на своите синови и ќерки дека сте биле дел од овој настан. Купете го нивниот албум и поддржете ја македонската независна музичка сцена. Нема да се покаете.

За сите новости поврзани со нивната работа, следете ја групата на нивната официјална Facebook страница: https://www.facebook.com/vel.veil.5, т.е. на нивниот официјален YouTube канал, каде што може да ги прегледате сите нивни видео изданија: https://www.youtube.com/channel/UCKSYefBo-6r5M0y25a3hlSg/featured.
Нивниот прв албум „Црнило“ преслушајте го на нивната Bandcamp страница: https://veil2020.bandcamp.com/album/-.

Видео записите прегледајте ги на следните линкови:
„АнгелиДемони“: https://youtu.be/v45WLfvf91s;
„Војна“: https://youtu.be/3Ug8n-7Xugw;
„Нем“: https://youtu.be/ObZOhFCa3rI
„Незалезна“: https://youtu.be/zDtKalfain8