Сара Александровска (Avelina): “Дур духот се гуши во вакво сиво постоење, тогаш има најголема потреба од спојување со истиот.”

Пред отприлика еден месец беше најавено објавување на вашиот прв албум именуван `Од екот на предокот`. Дали е одреден точен датум, или согласно вонвременоста на вашите идеи ќе се чека погоден момент за издавање? Посакувате ли тоа да биде концертна промоција со присуство на публика?

Албумската промоција беше одложена поради мерките изречени од “горе”. Целта беше да се изведе во живо за музиката вистински да заструи меѓу публиката. Но, еве, сега сме свртени исклучително кон онлајн промоција и ќе го пуштиме албумот за некој ден. А, во позадина на сето тоа се подготвува нов видео запис за песната “Излез” која набргу ќе ја чуете.

Во минатогодишно интервју изјавивте дека принудно сами себе си ја продуцирате музиката, бидејќи (цитат) `во Македонија е скоро невозможно се најде продуцент кој едноставно сака да создава и да биде дел од уметноста`. Во меѓувреме, околностите и чинителите се сменија во мноштво смисли. Почнавте соработка со Wire Entertainment. Како најдовте заедничка приказна со нив?

Не најдовме заедничка приказна со нив – ние веќе бевме во заедничка приказна. Wire Entertainment е (и ќе биде) од оние продукциски куќи кои навистина се во служба на вистинското музичко дејание. Тие, всушност, нè поттикнаa на ваков чекор. За мене лично, во почетокот, Avelina беше само експеримент, јас создавав сосема поинаква музика. Околу продуцирањето: ми беше тешко да си ги ставам “децата” во рацете на друг продуцент, мора да признам. Но, го направив тоа и задоволна сум.

Како ви годи да имате издание под етикетата на `Магна Матер`? Издавач со вакво име мислам дека има значајна смисла и придонес кон контекстите кои ги застапувате и изразувате.

Иако до толку го разбирам латинскиот за да знам што значи Magna Mater, на почеток (кога го сретнав името) просто не обрнав никакво внимание. По некое време ми се случи откровение и си помислив: “Чекај, на овие лудиве фирмата им се вика Големата Мајка.” Горда сум и благодарна за тоа дека сум дел од нејзе, во сите домени, па ете и во овој.

Tекстовите од вашите песни се свртени кон природата и вселената. Напевите преплетени со музиките поттикнуваат бранување на подзаборавени духовности. Дали во бетонското електрифицирано и дигитално совремие успевате да бидете свои на своето, или прибегнувате кон етерични екскурзии ?

Дур духот се гуши во вакво сиво постоење, тогаш има најголема потреба од спојување со истиот. Колку силна темнината, толку јасна светлината. А, околу етеричните екскурзии, зарем не сме сите во една таква што се вика живот? Добро, сега: некои од нас сакаат дупла доза.

Од вашите визуелни претставувања се гледа вашата љубов кон природни локалитети нечепнати од цивилизацијата, како и на древни руини кои во дамнина биле населувани. Дали имате конкретни места кои би им ги предложиле на вашите љубопитни слушатели да ги посетат? Кои, пак, се вашите физички локации каде црпите енергија и инспирација? Или можеби повеќе сте свртени кон мистични и метафизички практики за нови создавања?

Сета природа е храм, еден и единствен ВИСТИНСКИ храм, само некаде подобро изгледа за очи. На нашите љубопитни слушатели им посочувам да излезат од градот на било која страна и сигурно ќе наидат на нешто прекрасно, таква ни е земјата. А, околу руините – јас чувствено ја доживувам естетиката и историјата, па така што се што е античко или НАЛИК античко – ВизАнтиско, за моето срце е ДОМ. Тогаш убавината на создавањата на градбите беше креирана за да се вклопи во природните размери. Таква е Баргала од видео записот на “Извор”, такви се и Стоби и Хераклеа. А градбите денеска се само ментална бесчувствителна мастурбација во тесниот ум на човекот, наспроти водењето љубов со природата и постоењето во минатото.

Ако претпоставиме дека откривањето на минатото е неисцрпно и дека е неможно целосно негово апсолвирање, какви се вашите гледишта кон иднината? Како ве погодува состојбата на сегашниот момент? Кои ви се дружините и сопатниците за бидување снажни во шароликите времиња и простори?

Јас ја следам иднината во сегашноста, таа не престанува да се менува од момент за момент. Ако минатото, иднината и сегашноста постојат само во нашите концепти, тогаш само НИЕ самите можеме да диктираме врз иднината со она што ќе си го привикаме со умот и со срцето како колектив. Јас сум само една клетка во колективот, која си зема улога да биде еден мал музеј на фрагменти од минато за да ја облагороди денешницата и да замоли пред постоењето една по природна иднина и со тоа, нели, да ги потикне другите ближни клетки кон истото.