Никола Наумовски (Sinking Photon): “Албумот претставува еден вид на симбиоза помеѓу дигитализацијата и природата.”

Во врска со името на индивидуалниот проект Sinking Photon: дали самиот му кумувавте, или некој друг го има предложено? Со оглед на двосмисленоста на англискиот јазик, дали да подразбереме дека се работи за фотон кој тоне или згаснува или, пак, за фотон како зрнце светлина кое предизвикува тонење на други нешта?

Името Sinking Photon означува честичка на светлина која тоне. На овој музички проект избрав да се претставувам со ова име поради тоа што самата замисла за фотон кој тоне перфектно ја симболизира идејата зад музиката која претставува движење низ човековите длабочини и опишува определена состојба на постоење.

Воочи претстојната објава на проектното деби насловено “City of diluted lights”, претставен е и артворкот за албумот (дело на Фросина Милковска). Дали ќе ја пореметиме мистичноста на омотот ако го доведеме во врска со мрачниот “Donnie Darko” (филм од 2001 г.) или со маските од венецијанскиот карневал? Дали можеби ликовниот дел од албумот е создаден независно од звучниот, а сметавте дека добро í се придружува создавајќи синергија?

Иако “Donnie Darko” е филм кој одговара на мојот сензибилитет и сум го гледал неколку пати, идејата за артворкот не е земена од него. Естетиката за артворкот, всушност, е инспирирана од јапонската култура, а идејата за зајакот како симбол е земена од познатата новела „Алиса во земја на чудата“ во која зајачката дупка може да се протолкува како портал до човековата „лудост“ во која се сумирани сите копнежи и мудрости, грдотии и убавини, внатрешните револуции и еволуции, трансформирањето на себеси, на своите сонови, сеќавања и на сопствената реалност, надреалниот поглед кон светот, возвишените мечти и земските доживувања, онаму каде што паѓаат маските пред сопствената рефлексија.

Според продукциските податоци, миксот на албумот е направен од Alex Plant, а мастеринг е направен во SubWave Mastering во Лондон. Дали целосно завршената музика беше предадена за конечна продукција, или имавте серија пинг-понг кумановско-лондонски нафрљотки за комплетирање на звукот?

Целиот албум го искомпонирав и аранжирав во домашно студио во Куманово, и како таков го пратив на Alex Plant кој, исто така, е композитор на електронска музика. Откако ми ги врати песните измиксани и измастерирани сфатив дека перфектно ја разбрал идејата за тоа како треба да звучат и немаше потреба од додатни промени.

Во целосно инструменталниот албум, единствени звуци од живи суштества се: здивот-воздишката во почеток и крајот во една од траките, х’мкање-напев како од детска песничка во друга, и псевдоговорни вокализации во трета. Дали се ова одрази на кревката човечност, принудена да постои и да ја има во студено бетонско-челично опкружување? Дали и повторливото волчјо-песјото завивање е одраз на дивината вкалапена во цивилизациски рамки, или повик на дивината за бекство од мнозинско прифатените општествени норми?

Во албумот скоро подеднакво се користени и дигитални звуци и органски инструменти и тој претставува еден вид на симбиоза помеѓу дигитализацијата и природата. Сепак, пред сè, албумот е субјективен. Некои песни се инспирирани од лични сонови, некои од случки. Целта ми беше слушателот да си создаде свои поетски слики и свое апстрактно доживување слушајќи го. Ефектот кој наликува на волчјо завивање всушност се вика ‘ghostly presence’ и е искористен во песната “Clouds and silences” со цел да долови сенишна атмосфера. Oваа песна конкретно претставува навраќање кон нешто веќе напуштено.

Читани последователно, насловите на траките (Aligator’s Dream; Wired; Neon Iris; Streets Of Glass; Clouds And Silences) исцртуваат слики од сајберпанк/киберпанк естетика: животност поттисната од технологијата, движење ограничено во инженерирани шаблони, со можност за ширење на истите преку лично вкомпонирање со сивото студенило на градежништвото и технологијата?

Всушност, подобро толкување би било кршење на тие циклични шаблони во и надвор од нас. И самата музика, ако се анализира, припаѓа надвор од било каков шаблон и жанр. Мислам дека најмногу во оваа музика ќе можат да се пронајдат луѓето кои припаѓаат на неприпаѓањето.

Првата видео-објава е, всушност, неофицијално видео кое користи дел од анимираниот филм “Street Of Crocodiles” (oбјавен 1986 година, создаден од браќата Quay). Имате ли желба за соработка со моментално активни уметници, аниматори, филмаџии за создавање на кинематографско дело како надградба на Вашата музика? Ако да – со кого би сакале да работите?

Секако. Планирам да снимам официјален спот за некоја од песните и би преферирал да биде анимиран. Анимацијата како најслободен вид на визуелна уметност сметам дека најдобро ќе може да ја отслика атмосферата на албумот. Моментално, не би можел да издвојам конкретни артисти со кои би сакал да соработувам.

Дали може да се очекува концертно претставување во живо на материјалот од проектот? Имате ли некакви планови во таа насока?

Концертната промоција на албумот е планирана да се реализира во октомври или ноември. Промоцијата ќе бидне мешавина од музика, театар и модерен балет под раководство на Весна Ѓурковска Каеска.

Објавено 9 Јуни 2021