Alex Plant: “Сфативме дека ако ние самите не направиме нешто, тогаш тоа `ништо не се дешава` може да потрае и подолго време.”

Знаејќи го Alex од средина на средно школо, можам да истакнам дека е препознатлив по две одлики: музикалност и друштвеност. Најпрви да-ги-наречеме дружења сум ги имал со него позајмувајќи албуми на дискови и касети, за кои тој воопшто не беше себичен да ги споделува со поширок круг луѓе од тогашните собирања и чаршии. Овогодишното издавање на неговиот прв соло-албум `Time Squared` oд страна на Magna Mater и Wire Entertainment, го искористив да го пропрашам за некои работи од тогаш (втора половина на `90-тите) и за плановите сега. Најсликовити и содржајни одговори сепак добив за сето она меѓувреме од дваесетина години кои ги има минато во разни музички и искуствени доживувања.

1. Здраво, Аlex. Како мал вовед во разговоров, кажи ни како ги минуваше твоите тишини и музики од средината на март оваа година? Дали повеќе беше во апсорбирачка фаза (слушање и проучување звуци), или во творечко-работно расположение?

– Здраво, другар, и благодарам на прашање. Коронава сигурно, на еден или друг начин, ни ги смени животите. Колку и да беше чудно во почетокот, за мене лично се претвори во едно позитивно искуство. Се најдов во ситуација да имам многу повеќе слободно време од било кога во последните 10 години. И, нормално, не ми требаше многу време да сфатам дека треба да `удрам` една јака творечка офанзива. Искрено, не сум имал по-креативен и по-успешен музички период од последниве 5 месеци.

2. Може ли малку историја: кои се најпрвите музички бучави кои ги паметиш дека те одвалиле? Кои се подоцнежните? А кои, пак, се првите вреви кои самиот почна да ги правиш?

– Уф, има од сè по нешто. Израснав со metal и grunge во почеток на 90-тите, а покасно влегов и во punk/hardcore музиката (во средина и крај на 90-тите), период во кој ги почнав и моите први бендовски авантури. Во 2000-тите почнав да искуствувам по електронска, експериментална, noise, industrial музика. Од некаде 2005-2006-та бев фокусиран доминантно на PsyTrance сцената, прво во Македониjа, а покасно и во Лондон (како артист и промотор) до некаде 2011-та година. Деновиве, а може да кажам и последниве 10-тина години следам најчесто психоделични бендови со било каква позадина – space rock, krautrock, noise, electronic или соло електронски артисти.

3. Поправи ме ако грешам: дали музичкиот старт ти е со лупање бубњеви (со вежбање во соба во станбена зграда)? Кои беа најпрвите бендови со кои имаш пробувано? Како ги батали бубњарските палки, за во шаките да зграбиш микрофон и да почнеш како вокал? Раскажи ни малку за твојата прва музички активна декада (од 1995-1996-та до некаде 2007-ма) . Кои беа тогашните бендови во кои имаш работено?

– Да, почнав како бубњар. Првото бендско искуство ми беше со `Impotents`, бенд што го формиравме некаде во 1996-та и со кој го имав мојот прв јавен настап на Гитаријадата во Куманово. Покасно свирев како бубњар во друг punk бенд `Државен удар` уште некои две добри години и тука завршија моите панк авантури. Потоа го формиравме `High Quality Distrust` и влегов повеќе во nu-metal. Тоа беше и периодот кога прејдов од бубњеви на вокал, до некаде 2002 година. Од 2005 до накај 2011 влегов подлабоко во електронската музика (поконкретно во PsyTrance сцената) и тој период на музичко инволвирање најверојатно и најмногу се приметува во мојата музика денес.

4. Како ја паметиш атмосферата во и околу музичката продавница која во 1990-тите ја поседувал твојот повозрасен брат во кумановскиот локалитет `Гарнизон`?

– Тука почна сè некако, единствено место од тој тип во Куманово, место кај што можеше да се наслушаш добра underground бучава и да разговараш за најразлични стилови на музика. Освен што се убивав од слушање музика по цел ден, беше место кај што запознав многу супер луѓе, со кои покасно и свирев по различни бендови и соработував на различни проекти. Тие се мои добри другари до ден денес.

5. По слушање музика, и работење во низ бендови, некако логично си дојде и моментот за организирање свирки/концерти? Како се начна приказната за огранизацијата `CYPEK`? Колку време траеше, на ќеф ли бевте со сработотеното дур траеше? Како и зошто заврши работата на таа екипа?

– Целиот тој период (почеток на 2000-ти) беше некако сиромашен со концерти, посебно со живи настапи на поалтернативни и underground бендови. “Ништо не се дешава” беше редовен коментар на многу другари. Така сфативме дека ако ние самите не направиме нешто, тогаш тоа “ништо не се дешава” може да потрае и подолго време. Се собравме супер екипа, секој имаше како да придонесе и го создадовме `CYPEK`. Организиравме голем број на концерти на бендови од САД, Холандија, Белгија, Луксембург, Германија, Франција, Италија, Хрватска, Србија и (нормално) Македонија. Прекрасна соработка и одлично животно искуство. За жал, по некои 2 години финансиски паднавме и моравме да прекинеме со работа.

6. По низата музички екстроверции (музичарење по групи и организирање настани по локали), што те прекрши за да преминеш во поинтровертен мод – да се фокусираш на правење своја лична музика?

– Почнав да експериментирам со електронска музика некаде во 2001 година. Фактот дека можев да седнам сам дома и да креирам и снимам, без некаква посебна припрема, опрема, луѓе, за мене беше фасцинантна. Секој музичар од тој период ги памети секојдневните проблеми со кои се соочувавме: “ми фали појачало”, “ми фали чинела”, “жицата ми пукна”, “кабелот се заеба”, “треба да идам на предавања”, “хитно ме викнаа на работа” и слично. Експанзијата на јаки компјутери и квалитетни софтвери во почеток на 2000-тите за мене беше пресудна.

7. Исто важно: кога и како се одлучи да учиш продукција? Уште побитно: како се одлучи да одиш баш во Лондон за стекнување знаења?

– Секој што е инволвиран во музика малку повеќе од само слушање на истата знае што значи Лондон за музичката сцена во светот. Лондон секогаш беше мој прв избор за факултет на Audio Engineering, само требаше да чекам прав момент кога финансиски тоа би било реално остварливо. Во 2007 ми стана реалност.

8. Некаде во 2012 година се појави првата објава на бендот/проектот `01 Plant`. Како се `рчна соработката со твоите двајца кумановски колеги (Даниел и Иван) за новото творење? Колку време зуевте и бруевте во музичката лабораторија, пред да го претставите конечниот музички продукт? Што те натера да ги земеш старите снимки (од пред 8 години) од вашиот жив настап во радио Канал 103 и да ги испродуцираш во цакум-пакум долгосвиречка форма во оваа 2020 година?

– Долго време со Даниел зборевме дека треба да седнеме и да направиме нешто заедно. Никако не наоѓавме доволно време. Знаев дека тој период (во 2012-та) ќе сум сигурно 3-4 месеци во Куманово и – коначно пробавме. После две-три проби ја направивмe Missing Missing Link и знаевме дека тоа е тоа. Го поканивме Иван да ни се придружи на гитара и synth и бидна `01 Plant`. За 4 месеци скоцкавме албум и имавме неколку прекрасни живи настапи во Куманово, Скопје и Прилеп. Пред некој месец ми се јави Ѓорѓи и ни понуди да го издаде нашиот live настап од радио Канал 103 од 2012 за етикетата `Ако никој не свири`. Тоа ми беше супер: седнав, направив нов мастер на материјалот и бидна. Го содржи сето она што требаше да биде прв албум на `01 Plant` oтсвирено од почеток до крај во живо.

9. Минативе 3 години своите траки ги објавуваш на SoundCloud (најпрвата објава е датирана 1 септември 2017)? Ќе ми кажеш ли нешто повеќе за твојата музика, идејата, влијанијата, инспирацијата и слично? Дали имаш некоја регуларност во живи настапи во тој период? Каде сè луѓето може(ше) да ги чујат твоите сетови?

– Во август 2017, после 5-годишна пауза во компонирање моја лична музика, одлучив да купам нова опрема и да почнам пак. Планот ми беше да задржам добар дел од `01 Plant` звукот, особено аранжманите и layering на звуците и да го спојам со малку по-dance и clubbing пристап на правење музика. Идејата беше и останува: да правам музика која ќе биде оригинална и концептуална, музика што може да спои луѓе што слушаат krautrock, noise, industrial, progressive и space rock со луѓе што сакаат dark disco, deep house, melodic techno, dark techno итн. Многу стилови во еден оригинален пакет. Ми требаше добри две години за да го издефинирам звукот и стилот на она што сега е мојот прв албум – `Time Squared`. Oдлучив периодов 2017-2019 да се фокусирам само на креирање моја музика и дефинирање на звукот, сè додека не добијам нешто со што сум супер задоволен. Нормално, во истиот период посетував/присуствував на концерти на огромен број на space, psychedelic, noise и krautrock бендови, електронски фестивали и артисти, пред сè во Лондон (кај што живеам), но и во Берлин, Келн, Дизелдорф, Амстердам, Барселона и другде. Слушањето музика е дел од моето секојдневие, нешто што ми дава постојана инспирација. Но, гледањето живи настапи и споделување dancefloor со најразлични луѓе е тоа што крајно ја дефинира мојата музика. За live настапи почнав да се спремам откако знаев дека една целина е завршена, некаде во јануари 2020 година. За жал, се случи состојбата со корона, и морав скоро сите настапи да ги направам во облик на live stream:

– април 2020 за radio.co, посветен на WireEntertainment. Едночасовен дел од настапот може да се слушне на мојот Soundcloud профил – https://soundcloud.com/user2518982/radio-wireentertainment-mixtape-001

– мај 2020 за радио Канал 103, целиот двочасовен микс може да се чуе овде – https://soundcloud.com/user2518982/radio-kanal-103-mixtape

– август 2020 настап во живо со моја авторска музика во радио Канал 103 – https://soundcloud.com/user2518982/live-at-kanal-103

10. Пред две недели (сабота, 15 август) на отворениот базен во Куманово требаше да се одвие album launch забава по повод издавање на твојот прв албум `Time Squared`. Како дојде до соработката со Wire Entertainment и продуцентската куќа `Магна Матер` ? Колку време има минато од твојот последен жив настап во родно Куманово?

– За жал, настанот не се случи. Силниот дожд и ветровите го поплавија звукот и оштетија дел од мојата опрема, а и морав да се враќам назад во Лондон. Бевме разочарани, да. Тимот на Wire Entertainment и Magna Mater работеа беспрекорно и професионално. Настанот требаше да биде нешто во кое сите супер ќе уживавме. Event-от e презакажан за некој иден датум – се надеваме во исто време кога ќе биде готова и LP плочата.
Мој последен настап во Куманово е од февруари 2012 година во клуб `Wire`, и е најверојатно мој омилен настап. Со Влатко сме во постојан контакт. Некаде во почетокот на годинава тој ми спомна дека има план за отворање продуцентска куќа и ми понуди да го издадат мојот прв албум на CD и плоча, заедно со планови за промоција итн. не ми требаше многу време за размислување дали да прифатам. Баш сум среќен што албумот се издаде за Magna Mater и Wire Entertainment.

11. Кои ти се моменталните планови за работа и за нова музика ..?

– Од јануари 2020 почнав да работам на материјал за вториот албум, моментално тоа ми е во фокусот. Aко иде сè по план, до јануари 2021-ва материјалот би требало да биде спремен за мастеринг, а новиот албум спремен за издавање април-мај 2021.

Следете го и бидете во контакт со Alex Plant на линковите:

https://alexplant.bandcamp.com
https://soundcloud.com/user2518982
https://www.facebook.com/alexplantmusic/
https://wireentertainment.net